Синдикат-Влада

Синдикалците не се откажуваат од барањето за повисоки плати

04.07.2023 12:58

Синдикалците го оценија достоинството на работниците со двојка. Иако ставија потпис на Националната програма со којашто треба да им се подобрат правата, не се откажуваат од барањето за повисоки плати. Но, и денеска излегоа со спротивставени ставови што било понудено и за што се разговарало на последната седница на економско-социјалниот совет...

За што се договараа синдикалците и претставниците на Владата на Економско- социјалниот совет? Втор ден излегуваат со различни изјави. Вицепремиерот Битиќи и министерката за труд Тренчевска се чудат, велат на состанок не станало збор за толкаво зголемување на платите за 14 проценти. Синдикалците, пак остануваат на ставот дека биле јасни, бараат порастот на инфлацијата да биде основен параметар по кој ќе се зголемат платите на вработените, а платите на функционерите да го следат трендот и нивните примања да се вратат на претходното ниво, пред одлуката на Уставниот суд.

Од Владата, велат дека целта на Методологијата за пораст на платите во јавниот сектор, е да се креира праведен и одржлив систем за сите вработени.

Иако синдикатите, работодавците и министерката за труд потпишаа Национална програма за достоинствена работа, синдикатите велат дека е загрозено правото на работникот со измените на Законот за работни односи, со кој работниците на автопатиштата ќе работат по 72 часа. Но, Тренчевска рече дека тоа што го велат синдикалците не е точно.

Синдикатите го оценија достоинството на работниците со двојка.

 

Наташа Јанчиќ Менковски