Партии

Продолжуваат обвинувањата за криминал и корупција меѓу власта и опозицијата

04.07.2023 14:12

Продолжуваат меѓусебните обвинувања власт-опозиција за криминал и корупција. СДСМ за случајот „Феникс“, ВМРО-ДПМНЕ, пак, за мултимилионски бизниси на Ахмети. Обвинителството инсистира-случаите да не се користат во дневнополитички цели…

Продолжуваат партиските обвинувања кој има најкорумпирани функционери, блиски соработници и членови на потесното семејство. Според ВМРО-ДПМНЕ, кланот од Зајас има мрежа на крупни бизниси во најголемите државно-стратешки проекти, вешто затскриени зад истурени играчи и звучни корпорации.

„Дрин Ахмети со Тор Индустриес, заедно со уште една фирма од кланот Зајас за која ќе зборуваме деновиве е вклучен во изградба на Коридор 8, договорот кој го имаат двете фирми е 1,3 милиони евра за ископ и други градежни работи. Покрај Коридор 8, Тор Индустриес на внукот на Али, Дрин Ахмети е вклучена и во изградба на патот од Кичево до Дебар“, изјави Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

По повиците на опозициската партија дека внукот на Ахмети, треба да објасни како се здобил со својот капитал, првиот човек на ГРОМ, Јакимовски, кој извесен период беше и нивен коалициски партнер, се согласува со тоа, но смета дека и партискиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, треба да објасни како и кога се стекнал со својот имот.

„Да нема забуни – во опис и попис на работните задачи на директорот на ЕСМ стои да гради хидроцентрали и да овозможува снабдување со електрична енергија, но хидроцентрали за државата и за народот, не за себе“, нагласи Стевче Јакимовски, претседател на ГРОМ.

Ја разбираме задачата на Стевчо Јакимовски која пред сè е мотивирана од концесиите кон ДУИ и кон таткото и синот Ковачевски и сега има мисија да шири невистини, измислици и лаги кон лидерот Мицкоски, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму потенцираат дека тоа што го збори Јакимовски е по наредба на тандемот Ковачевски. Го повикаа лидерот на ГРОМ тоа што го збори во прашална форма да го потврди или да ја докаже вистината пред судовите.

За Социјалдемократите пак најважно е да се затвори случајот за проектот Скопје 2014, во кој според надлежното обвинителство 15 лица, меѓу кои и поранешни највисоки функционери, на ВМРО-ДПМНЕ се сомничат за корупција.

„Само преку овој, еден случај, дури 57 милиони евра пари на граѓаните биле злоупотребени, согласно наводите во обвинението. Дури 33 нови, модерни и целосно опремени градинки можеле да се изградат со 57 милиони евра“, изјави Даниела Колева, пратеничка на СДСМ.

Од ДУИ засега ниту збор за обвинувањата на нивна сметка. Од Мала Речица порачуваат-најголемата опозициска партија да не потонува во антиалбански и антиевропски сентимент и да ги подржи уставните измени.

Марина Стојанова-Тонева