Москва цел на напади од беспилотни летала, Путин вели глобалниот потенцијал за конфликт расте
Русија обвинува дека Украина утрово извршила напад со пет дронови врз Москва и околниот регион, украински функционери и разузнавачи пак објавија дека Русија планира да организира експлозија во нуклеарната централа Запорожје...

Русија обвинува дека Украина утрово извршила напад со пет дронови врз Москва и околниот регион. Беспилотните летала предизвикале нарушување на авиосообраќајот на еден од главните аеродроми во градот. Од руското МНР велат обидот за напад каде што се наоѓа цивилна инфраструктура е чин на тероризам. Украински функционери и разузнавачи пак објавија дека Русија планира да организира експлозија во нуклеарната централа Запорожје. Според украинскиот претседател, Киев сè уште нема доволно системи за воздушна одбрана.
„За жал, нашата држава сè уште нема доволно висококвалитетни системи за противвоздушна одбрана за да ја заштити целата наша територија и да ги собори сите непријателски цели. Ќе направиме сè што е можно и невозможно да го направиме нашиот систем за противвоздушна одбрана најмоќен“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.
Рускиот претседател на виртуелниот самит на Шангајската организација за соработка, рече дека светот се соочува со зголемен ризик од конфликт поради економската и финансиската нестабилност. Путин вели дека глобалниот потенцијал за конфликт расте и дека Москва ќе се спротивстави на санкциите и провокациите. Меѓу другото им се заблагодари на лидерите на Кина и на Индија, за поддршката за време на неодамнешниот бунт на Вагнер во земјата.
„Русија самоуверено се спротивставува и ќе продолжи да се спротивставува на надворешниот притисок, санкциите и провокациите. Во сегашната ситуација, нашата земја продолжува да се развива стабилно. Рускиот народ се консолидирани како никогаш досега. Солидарноста и високата одговорност за судбината на татковината, јасно ја покажаа руските политички кругови, целото општество“, изјави Владимир Путин-претседател на Русија.
Во меѓувреме, НАТО реши да го продолжи мандатот на генералниот секретар Столтенберг за уште една година, оценувајќи дека треба да го задржи искусниот лидер во време кога војната беснее на прагот на Алијансата, отколку да се обиде да бара негов наследник.
Маријана Димовска
