Состојбата на тутунот во Струмица е критична
Изобилните дождови и прекумерната влага во почвата го уништуваат тутуновиот расад. Тутунопроизводителите се плашат дека не ќе можат да ги исполнат обврските кон откупувачите, поради опасноста од слаби приноси.
Доцни расадувањето на тутунот во струмичкиот регион. Долготрајното присуство на водата во почвата и влагата во воздухот ги уништува расадите. Ако вообичаено до средината на мај, веќе било завршено со садењето, годинава, тутунопроизводителите ни до половина ја немаат завршено работата.
„Првиот тутун што е засаден веќе е заболен. Од него не бива ништо. Мора да се заора, да се засади по ново. Или пак да се засади со нова култура, вели Зоран Петров- тутунопроизводител од село Сушица.
Тутунарите се плашат дека годинава нема да можат да ги исполнат обврските кон откупувачите. Доцното засадување се заканува и на приносите што ќе ги дадат нивите.
„Обврските не можеме да ги исполниме. Минатата година засадив 15 хектари, оваа година планирав некаде околу 12, ама не ќе можам ни 12 да засадам. Условите не дозволуваат, расадот се расипа“, објаснува Зоран Петров.
И агроекспертите се согласни дека пролонгираните врнежи од дожд не овозможуваат навремено третирање на оваа индустриска култура.
„Бидејќи расадите веќе прераснуваат, ако Временските услови не дозволат земјоделските површини да се подготват за расадување, ќе имаме голем негативен ефект за самите расади, за самите производители на тутун“, вели проф -д-р Душан Спасов - Земјоделски факултет УГД, Штип
Минатата година во струмичко имаше околу 2000 хектари под тутун, кои дадоа 3.500 илјади тони.
Катерина Давчева
