Продолжува голготата на станарите во социјалната зграда во Битола
Продолжува голготата за дваесетината станари во социјалната зграда во битолската населба Довлеџик. Над две години не работи лифтот. Посебно е тешко за 37-годишната Соња Димитриевска која поради церебрална парализа е прикована за инвалидска количка и трпи големи забоболки. Изминатиов викенд соседите мораа со натчовечки напори од петти кат да ја слегуваат и качуваат…

И по еден и пол месец од новинарските стории нема никаков напредок во поправката на лифтот кој не е во употреба над две години. Продолжува траумата за дваесетината болежливи станари во социјалната зграда во битолската населба Довлеџик.
Вистинска голгота се одвивала изминатиот петок кога 37-годишната Соња Димитриевска која поради церебрална парализа е прикована за инвалидска количка, двајца од соседите морале од петтиот кат на раце да ја симнуваат и качуваат, бидејќи забоболките биле неиздржливи.
Претседателката на куќниот совет која и самата е носител на низа тешки дијагнози, вели дека досега освен образложение од едно лице дека тоа е долг тендерски процес, нема никаква конкретна интервенција на лифтот и покрај сите апели.
Од АД за стопанисување со станбен и деловен простор, велат дека имаат целосно разбирање за проблемите со кои се соочуваат овие станари и дека тендерот за сервисирање на лифтови е веќе објавен и ќе биде отворен кон средината на месецов.
Стевче Митревски
