Белград

Можности за заедничко аплицирање на ЕУ проекти

04.07.2023 16:34

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во Србија на разговори за аплицирање на заеднички проекти кон ЕУ фондовите со цел компатибилен дигитален трансфер на двете земји …

Со цел зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и Србија во областа на дигитализацијата и информациско-комуникациските технологии, денес во Белград на средбата на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и српскиот министер за информации и телекомуникации, Михаило Јовановиќ постигната е согласност заеднички да се работи на размена на најдобрите практики и знаења од овие области.

Министерот Алиу по средбата изјави дека нема земја во светот која нема акционен план и стратегија за развој на дигитализацијата и дека е крајно време да се размислува за дигитализација на регионално ниво. Тој нагласи дека сега има уште поголеми можности за соработка, бидејќи пред неколку дена, со ЕУ е потпишан проектот „Дигитална Европа“, кој овозможува заедничко аплицирање за грантови со вкупен буџет од 7,5 милијарди евра.

„Целта на посетата се можностите со кои регионот може заедно да аплицира за тие фондови со цел да имаме компатибилен дигитален трансфер и дигитална трансформација на нашите земји. Ние како соседни земји имаме многу заеднички точки кои можеме да ги искористиме за да можеме да аплицираме на локални, интернационални и други фондови со крајна цел интероперабилност помеѓу институциите, земјите и сервисите што ги нудиме“, изјави Азир Алиу Министер за информатичко општество и администрација.

Тој истакна дека дигитализацијата е единствениот начин за подобрување на животот на граѓаните, компаниите и зајакнување на економијата на двете земји.

Министерот Јовановиќ изјави дека е разговарано за можностите за поврзување на граѓаните преку електронски услуги кои би се обезбедувале преку границата.

„Треба да се искористи можноста што ја добивме неодамна со приклучување кон проектот „Дигитална Европа“, да можеме заеднички да конкурираме и да добиеме грантови од ЕУ, кои се однесуваат и за развојот на вештачката интелигенција и за воспоставување супербрзи компјутери на ниво на двете земји, но и за натамошен развој на дигитални вештини и интернет работилници“, изјави Михаило Јовановиќ Министер за информации и телекомуникации на Р. Србија.

Утре двајцата министри ќе го посетат националниот Дата центар на Србија во Крагуевац со цел да се запознаат со можностите за креирање на компатибилни инфраструктури од хардверски аспект и за сервисите што ќе се нудат.

 

Оливер Бранковиќ