Родилката што се обиде да се самоубие и натаму во критична состојба
Родилката која скокна од првиот кат на Клиниката за гинекологија е во животна опасност. Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши инспекциски надзор. Комисија ја утврдува фактичката состојба во болницата, потврдија од здравство...

Заврши вонредниот инспекциски надзор на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. Комисија од Државниот санитарен инспекторат ја чешла работата на ГАК откако во неделата 39-годишна жена три дена по породувањето се обиде да си го одземе животот скокајќи од првиот кат на зградата. Директорката Јовановска за МТВ рече дека е предадена целосната документација за случајот кој содржи документи од денот на приемот, породувањето и престојот на родилката во клиниката.
Од министерството за здравство пак уверуваат дека по изготвување на извештајот деталите за овој случај ќе бидат соопштени во јавноста. 39-годишната родилка е во критична состојба и интубирана на машина на КАРИЛ, потврди за Македонската телевизија директорот Александар Трајановски. На клиниката за неврохирургија била оперирана од тешките повреди кои ги здобила на главата.
Од падот од првиот кат има повреди и на вратниот ’рбет, карлицата и градниот кош. Од Гинекологија за случајот вчера рекоа дека жената двапати по породувањето се пожалила дека чувствува вознемиреност. Првиот пат разговарала со психолог, а вториот пат и била дадена терапија. Родилката беше породена со царски рез, а на свет го донесе своето првородено дете. Бебето е пуштено од ГАК и е дома со семејството.
Викторија Милевска
