Нумизматиката - „говор“ на парите
Парите ја раскажуваат историјата, а на денешниве простори во минатото имало голем број ковачници.
Дел од монетите што се пронајдени во брегалничкиот регион се изложени во штипскиот музеј а датираат уште од времето на пајонците.
Освен луѓето, историјата на еден народ ја раскажуваат и парите. Различните периоди и облици во кои тие се јавуваат, кажуваат многу за територијата каде што се пронајдени:
„Нумизматиката го одразува контекстот на тргување, но дава и историски податоци според она што врежано на нив“, вели Зоран Читкушев, дир. на Завод – Музеј, Штип
Освен за луѓето и економијата, парите зборуваат и за владетелите:
„Можеме да направиме реконструкција на тоа кој се’ луѓе живееле на дадена територија и како тие монети циркулирале, значи кажуваат за тоа кој се владеел на оваа територија“, вели Антонио Јакимовски, универзитетски професор
Животот во брегалничкиот регион на државата преку парите може да се следи од 5-от век п.н.е. до денес:
„Најкарактеристични монети се оние од пајонското монетоковење, понатаму од автономното ковење на македонските народи од II век п.н.е. и најголема циркулација се забележува во доцноантичкиот период“, вели м-р Гордана Јанева, нумизматичар
Најголем дел од пронајдените монети се конзервирани и изложени во историскта поставка на Штипскиот Завод - Музеј. Станува збор за близу 1.000 монети, класифицирани според периодот и местото на пронаоѓање.
Оливера Жежова