Израел

Израелски напади врз неколку локации во појасот Газа

05.07.2023 12:55

Израел ја заврши операцијата во кампот Џенин откако ја нападна Газа со авиони, потврди премиерот Нетанјаху. Дводневна операција резултираше со 12 загинати Палестинци и еден израелски војник. Палестинската министерка за здравство го обвини Израел дека напаѓал и болници…

Израелски авиони нападнаа неколку локации во Газа, откако милитантите под контрола на Хамас истрелаа пет ракети кои биле пресретнати. Израелската војска се повлече од кампот Џенин во Западниот Брег, со што заврши дводневна операција во која загинаа 12 Палестинци и еден израелски војник. Сликата од кампот е ужасна – разурнати домови, уништени автомобили и инфраструктура. Палестинската министерка за здравство го обвини Израел дека напаѓал и болници.

„Агресијата врз нашиот народ во градот Џенин и неговиот камп и намерното таргетирање на медицинскиот и итниот персонал и болниците, кулминираа со пукање врз граѓаните во владината болница Џенин. Предизвикана е голема штета на водоводната, електричната и канализациската инфраструктура што може да предизвика здравствена катастрофа. Ја повикуваме меѓународната заедница и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да интервенираат, да ги обезбедат болниците и пациентите“, изјави палестинскиот министер за здравство, Маи ал-Каила.

Премиерот Нетанјаху потврди дека операција е завршена, но, рече дека не била еднократна.

„Тој што мисли дека таков напад ќе нè одврати да продолжиме со нашата борба против тероризмот, греши, тие не го знаат духот на државата Израел, не ја познаваат нашата влада, нашите граѓани и нашите борци. Нашите храбри борци уништија многу терористички инфраструктури и со тоа спречија многу напади“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Борбите меѓу израелските војници и палестинските милитанти продолжија и при повлекувањето од Џенин.

Марина Ристова