Политика

Продолжуваат обвинувањата за криминал меѓу партиите

05.07.2023 13:36

ВМРО-ДПМНЕ прашува дали е платен данокот на промет за „Соравија“. ДУИ ја нарече ВМРО-ДПМНЕ фабрика на лажни вести. Од СДСМ велат-случајот „Феникс“ го потврди криминалното лице на ВМРО-ДПМНЕ. Продолжуваат обвинувањата меѓу партиите…

Зделките на семејството Ахмети во фокусот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Бараат владата на Ковачевски и институциите под негова контрола да не молчат, да кажат дали е платен данок за промет на „Соравија“ и како е извршена трансакцијата? Според истражувањата, вели Ковачки, не е евидентирана никаква трансакција во Македонија, па го повикуваат Ахмети да каже како е направена купопродажбата и преку која даночна регулатива.

ДУИ ги повикува сите политички партии да потпишат иницијатива до обвинителството и до меѓународни институции за целосна истрага на сите функционери, од власта и опозицијата, во последните 20 години како и да поддржат целосен ветинг во политиката, судството и обвинителството.

Мицкоски е на браникот на криминалот во ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ. Случајот „Феникс“ го потврдило криминалното лице на партијата, рече пратеникот Миле Талевски.

Премиерот Ковачавски на прозивките од ВМРО-ДПМНЕ за истрага на бизнис зделките на младиот Дрин Ахмети и неговото купување на деловниот центар „Соравија“ изјави дека институциите по службена должност мораат да истражат потекло на парите, бидејќи станува збор за зделка вредна десетици милиони евра. Обвинителството по допрен глас отворило предмет.

Миле Ристески