Османи пред Комитетот на министри на Советот на Европа
Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денес во Стразбур се обрати пред Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ). На половина од Претседавањето со ОБСЕ, Османи ги претстави досегашните активности во својство на Претседавач...

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денес во Стразбур се обрати пред Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ). На половина од Претседавањето со ОБСЕ, Османи ги претстави досегашните активности во својство на Претседавач. Како клучни, Претседавачот ги издвои посетите на Украина, Молдавија, Јужен Кавказ, како и на Србија и Косово, потенцирајќи ја и континуираната работа на ОБСЕ во овие клучни региони за Организацијата.
„Живееме во период на демократско назадување и безбедносни предизвици поради руската воена агресија против Украина, која ги наруши принципите на кои се втемелени нашите организации. Затоа, приоритет на нашето Претседавање е да обезбедиме суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ. Откако ќе се врати мирот и Русија ќе ги повлече своите сили од суверената територија на Украина, ОБСЕ ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за нејзино повоено закрепнување“, рече Османи во своето обраќање.
Покрај планот за Украина, Османи се осврна и на другите долготрајни конфликти и нестабилност во регионот на ОБСЕ, за кои како Претседавач презентираше патокази за постепено решавање што ќе доведе до долготрајна стабилност и мир.
Како што рече Османи, ОБСЕ е вклучена во широк спектар на важни области за луѓето, а своите капацитети за регионот на Југоисточна Европа ги насочи на помирувањето, борбата против корупцијата и климатските промени. И покрај предизвиците со кои се соочува Организацијата, таа ќе остане целосно посветена на своите приоритети, рече Османи.
Токму во овие приоритети се соединуваат активностите и на ОБСЕ и на Советот на Европа чија заемна работа е повеќе од кога било потребна и релевантна, рече Османи. Низ годините и двете организации негуваат силна соработка за градење на енергични и силни демократии.
