Уставен го стави под мраз упатството на Лога
Уставните судии пресекоа-привремено ќе нема графа за етничка припадност во изводите од матичните книги на родени, умрени и венчани. Постапката ќе продолжи, а до конечната одлука упатството на Лога нема да се применува. Министерот вели – со ова само се купува време…

Привремено нема да има графа за етничка припадност во изводите, одлучија уставните судии, со кое се вметна графа за етничка припадност во изводите. За упатството од министерот за правда Лога, Уставниот суд одлучи да поведе постапка поради непочитување на уставно пропишаниот рок од седум дена за негово објавување во Службен весник, и донесе времена мерка за неиздавање на овие документи. Министерот, Упатството го потпишал на 29-ти мај, а во Службен весник е објавено на 15-ти јуни. Одлуката беше донесена со пет гласа „за“ и два „против“.
По ваквата одлука на уставните судии, се огласи министерот за правда. Лога рече дека Уставен само купува време и ја отвори Пандорината кутија. Смета дека требало да се донесе одлука за укинување на упатството. Пред медиумите презентираше најмалку 50 примероци од службен весник од последните два до три месеци каде што не бил почитуван уставниот рок за објавување на подзаконските акти во рок од 8 дена. Лога најави дека сите ќе ги оспори пред Уставниот суд, но прашан дали истото ќе го направи и за Законот за јазиците, кој е со еден потпис, рече дека веќе пред уставен има иницијатива за тој закон и за Преспанскиот договор.
Првиот човек во правда го критикуваше и ставот на поранешната министерка Дескоска, која изрази сомнеж дека актуелниот министер, заобиколувајќи ги законите, носи одлука, која е противуставна. Лога најави дека ќе подготви ново упатство за внесување на етничката припадност во изводите.
Марина Стојанова-Тонева
