Меџити: Уште се работи на извештајот од инспекцискиот надзор на Гинекологијата
Министерот за здравство посочи дека ќе продолжат да работат на превенција, а планираат да направат програма за психолошко советување на бремените жени.

Уште се работи на извештајот на инспекцискиот надзор на Гинекологијата, но ќе барам да го разгледаме и споделиме, изјави денеска министерот за здравство, Фатмир Меџити одговорајќи на прашањето за родилката која се обиде да си го одзеде животот. Тој најави дека ќе работат на мерките на воспоставување на програма за психолошко советување на жените низ целата бременост, како превенција на вакви настани.
Прашан дали размислува да ги зајакне болниците со психолози по овој настан, Меџити посочи дека ќе продолжат да работат на превенција, а планираат да направат програма за психолошко советување на бремените жени.
Ние никогаш не можеме вакви настани да предвидиме. Сепак станува збор за многу комплексни и сензибилни настани. Ќе треба повеќе да работиме на превенција. За бремените жени ќе направиме програма да имаат психолошко советување низ целата бременост. Тоа е една од мерките која планираме да ја спроведеме, рече Меџити.
