Руско - украински конфликт

Киев и Кремљ со обвинувања за планови за напад врз нуклеарната централа „Запорожје“

05.07.2023 14:50

Игра на нерви во Украина. Зеленски тврди дека Русија поставува експлозиви и подготвува сценарио за нуклеарната централа во Запорожје. Москва со контраобвинувања – силите на Киев планираат напад врз капацитетот со дронови и прецизни оружја. Локалното население бега во паника…

Светот повторно во страв од можен инцидент врз најголемата нуклеарна централа во Европа, која се наоѓа на украинска територија, но под руска контрола. Имено, според украинското разузнавање, на руските работници им било кажано да ја напуштат електраната до 5-ти јули, а руските војници веќе ја напуштаат областа. Патролите се сè помали, што, според Киев, е јасен знак дека Москва е подготвена да предизвика инцидент.

„Радијацијата е закана за сите во светот, а нуклеарната централа мора да биде целосно заштитена од какви било инциденти со радијација. Имаме информации дека руските војници поставиле предмети, што личат на експлозив на кровот на неколку енергетски единици на нуклеарната централа Запорожје“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Од Кремљ пак, обвинуваат за саботажа од Украина и дека Киев е подготвен да изврши терористички напад врз нуклеарната централа, со последици за целиот свет.

„Ситуацијата околу нуклеарната централа „Запорожје“ е доста тензична, бидејќи заканата од саботажа од режимот на Киев е навистина голема. Саботажата може да биде катастрофална, го видовме тоа при експлозијата на хидроцентралата Каховка, исто така со страшни последици. Затоа, се преземаат мерки за да се спротивставиме на таквата закана“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Деновиве во регионот Херсон, Миколаев, Запорожје и Днипро спасувачките екипи одржаа вежби за евентуален итен случај при атомска хаварија и зголемена радијација.

„Ако Русија ја саботира нуклеарната централа, ќе го забележат тоа луѓето овде во градот, на педесет километри од централата“, рече жител на Запорожје.

„Не веруваме дека Руската Федерација има некакви морални граници за уште една хуманитарна катастрофа, како онаа во Нова Каховка“, рече локална жителка .

„Што се однесува до мене, не се подготвувам за ова. Се надевам дека ќе ни помине. Во нашиот живот се случија многу работи, но се надеваме дека нема да се случи и ова“, додаде друг.

Русија ја окупираше нуклеарната централа во раните фази на војната.

Маријана Димовска