Болните од цистична фиброза добиле ветување дека до крајот на годинава ќе има терапија за уште 30 пациенти
Болните од цистична фиброза на средба со министерот Меџити. Добија ветување дека до крајот на годинава ќе има терапија за уште 30-ина пациенти. Ќе се реновира и центарот во Козле каде што ќе се лекуваат...

Уште триесетина пациенти со цистична фиброза до крајот на годинава ќе добијат „Трикафта“ – ова е ветувањето кое го добиле претставниците на Асоцијацијата на средбата со министерот Меџити. Не се исклучува можноста бројката да се зголеми, бидејќи испитувањата на болните кои можат да ја примаат оваа терапија се во тек.
„Работната група која што ја чекавме да заврши веќе е при крај, и дека ќе се направи системско решение за тоа кои пациенти треба да го примаат лекот „Трикафта“ и ќе има воочување на состојбата се пациентите, за да може да се почне со набавка на модулаторната терапија“, изјави Фики Гаспар, од Асцијација за цистична фиброза.
Со министерот Меџити било разговарано и за реновирање на Центарот за цистична фиброза кој е во склоп на детската болница во Козле. Сега болните се лекуваат на Детската клиника и на Клиниката за пулмологија, во зависност од возраст.
„Центарот за цистична фиброза е предвидено да почне во скоро време, се работи на изготвување на проект кој ќе биде центар за цистична фиброза и потоа според тоа ќе може да се продолжи работата на комисијата“, изјави Берна Шерифовска, портпарол во Министерството за здравство.
На надлежните им било кажано дека пациентите се незадоволни од тоа како досега се одвиваат работите, особено во делот на набавка на лекот. Но, од асоцијацијата велат дека доколку владата се држи до дадениот збор ќе нема протести. Во моментов, 12 пациенти добиваат „Трикафта“ – лек со кој се олеснува болеста и тие може да функционираат без проблем.
Андријана Ѓурческа
