Отворено 62-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри
Синоќа во Охрид беше отворено 62-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Љубителите на фолклорот до 9-ти јули ќе имаат можност да уживаат во настапите на десеттина ансамбли од земјава и странство, кои ќе го презентираат својот фолклор, традиции и обичаи што се најголемите репрезенти и амбасадори на секоја земја…

Со настапот на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, синоќа во Охрид беше отворена најстарата фолклорна манифестација во земјава „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“. Песната и ората на ансамблите преку својата автентичност на звук, на танц, на традиционални носии на волшебен начин не пренесуваат во нивниот свет, нивната култура и обичаи, рече потпретседателот на македонскиот парламент, Горан Мисоски, посочувајќи дека на тој начин учесниците на фестивалот придонесуваат за динамични и квалитетни врски помеѓу Балканските земји.
„Музиката, фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија. Тие се дел од светското културно наследство кое го чува и развива националниот идентитет на секој народ и тоа заслужува почит. Затоа задоволство ми е сосема на крај на сите автентични претставници на светската фолклорна ризница да им посакам незаборавен престој во Балканскиот бисер, преубавиот Охрид“, изјави Горан Мисоски, потпретседател на Собранието на РС Македонија.
На фестивалот на кој досега продефилирале десетици илјади фолклористи годинава учество ќе земат шест македонски ансамбли и уште три од Словенија, Полска и САД.
„Преку фолклорот се отсликува генетскиот код на еден народ и токму затоа Балканскиот фестивал кој е најстара културна манифестација од ваков тип не само во Македонија, туку и на Балканот е толку значаен и го зазема фестивалскиот примат“, рече Перчо Божиноски, заменик градоначалник на Охрид.
Поради лошите временски услови отворањето на фестивалот беше во Центарот за култура „Григор Прличев“, а од вечерва настапите на ансамблите публиката ќе може да ги проследи на летната сцена Долни Сарај.
Сашо Нелоски
