Украина

Руски ракетен напад врз градот Лавов

06.07.2023 12:06

Нови руски напади во Украина. Цел на гранатирањата, Лавов. Зеленски во Софија. На средбите со бугарскиот државен врв, поддршка на евро-атлантскиот пат на Украина и меморандум за разбирање во областа на енергетиката...

Изутрината Лавов стана сведок на најголемото злосторство од почетокот на руската инвазија врз Украина. Гранатирана е станбена зграда, и тоа додека поголемиот дел од луѓето спиеле. Најмалку четворица се загинати, а десетици повредени, меѓу кои и едно дете. Под урнатините се бараат преживеани.

„Три лица се извадени од под урнатините. Сè уште има заробени луѓе. Спасувачите неуморно работат, но оди тешко бидејќи целите плочи од таванот пропаднаа. Ова е еден од најголемите напади врз цивилната инфраструктура од почетокот на војната“, изјави градоначалникот на Лавов, Андриј Садови.

„Штетата е огромна. Покривите се уништени, прозорците скршени, а вратите блокирани. Таваните во три згради целосно се урнаа, а во една изби пожар“, изјави Ирина Стецик, шеф на Здружението на сопственици на станови.

„Од експлозијата паднав од каучот. Ползевме до вратата на колена. Станот го нема, уништен е“, изјави жителка на Лавов.

„Многу луѓе спиеја, по втората експлозија веќе беа будни и трчаа да се засолнат“, вели друга жителка.

Во почетокот од руската инвазија Лавов служеше како главна транзитна точка за милиони бегалци од различни делови на земјата кои ја преминаа границата кон Европа. Украинскиот претседател Зеленски вети конкретен одговор на акциите на непријателот. Тој пристигна во Софија на средба со премиерот Денков и членови на владата каде што се очекува да бидат потврдени декларацијата за поддршка на евро-атлантскиот пат на Украина и меморандумот за разбирање во областа на енергетиката.

 

Бојана Крстевски