Македонија

Ковачевски- Рама: Регионалните иницијативи обезбедуваат побрза евроинтеграција

06.07.2023 12:51

Како што соопштуваат од Владата, во фокус на разговорот биле перспективите и придобивките од Берлинскиот процес, интеграциите во Европската Унија, како и важноста од натамошно зацврстување на билатералната соработка меѓу двете соседни земји, кои се членки на НАТО.

На земјите од Западен Балкан вклучувајќи ја и Албанија и Северна Македонија, им претстои сериозна работа. Дојде време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на економиите и на регионот во целина, што ќе доведе до забрзан регионален економски раст и развој. Ова било констатирано на средбата помеѓу премиерот Димитар Ковачевски, со неговиот албански колега Еди Рама.

Како што соопштуваат од Владата, во фокус на разговорот биле перспективите и придобивките од Берлинскиот процес, интеграциите во Европската Унија, како и важноста од натамошно зацврстување на билатералната соработка меѓу двете соседни земји, кои се членки на НАТО.

Премиерите Ковачевски и Рама се согласиле дека евро-интегративните процеси на двете земји и важноста од недвосмислена посветеност е клучна во овие моменти на силни геополитички превирања, сè со цел земјите да станат полноправни ЕУ членки до 2030 година.

Констатирано дека е јасен ставот дека ЕУ нема да е целосна и успешна додека граѓаните од Западен Балкан не добијат пасоши со знамето на ЕУ. Нагласено и дека Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ, но е процес кој ќе обезбеди побрза интеграција на земјите од регионот.

На состанокот, како што соопштуваат од Владата, била дискутирана и состојбата во нашите соседни земји. Како непосредни соседи на Косово и на Србија, се повикува на деескалација на состојбите и спроведување на меѓународно преземените обврски на двете страни, односно на имплементација на Договорот кој Србија и Косово го постигнаа на 27 февруари во Брисел, и посебно на договорот постигнат во Охрид за патот кон нормализација на односите.

Потенцирано е дека двете земји, како НАТО сојузници, цврсто се посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот во меѓународните мировни операции, споделувајќи заеднички ставови во однос на состојбите на регионално и мултилатерално ниво за мир и стабилност на регионот-стои во владиното соопштение.