Образование

Успехот на учениците во земјава е под просекот на нивните врсници од земјите во регионот и ЕУ

06.07.2023 13:03

Земјава се соочува со образовна криза. Недоволна искористеност на училишниот простор и кадар. Речиси 90 насто од парите што ги добиваат општините за основното образование се за платите на училишниот кадар…

Постигнатиот успех на учениците е под просекот на нивните врсници од земјите во регионот и во Европската унија, земјава се соочува со образовна криза. Анализите покажале дека намалувањето на наталитетот, миграцијата и урбанизацијата во некои средини резултирале со недоволна искористеност на училишниот простор и кадар. Други училишта пак, имаат премногу ученици и недостиг на наставници, што влијае на резултатите од учењето. Министерот Шаќири дециден, оптимизирањето на училишната мрежа нема да биде брз процес, но мора да се случи.

„Владата работи на приближување на јавните расходи за образование како процент од бруто домашниот производ до нивоата на развиените земји со што ќе се обезбедат доволно средства за инвестиции во училишните објекти и набавка на дополнителни наставни помагала и инклузивно образование“, изјави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Осумдесет и девет насто од парите што ги добиваат општините за основното образование, се наменети за покривање на платите на училишниот кадар. Нема доволно финансии за професионален развој на наставниците, воведување иновативни методи во наставата и учењето. Училишните објекти не можат да се одржуваат во добра состојба, ниту да се опремат.

„Би било многу подобро кога, учениците кои се доволно возрасни сами да патуваат, би патувале и би имале централизирани часови во училишта кои не се премногу далеку, а условите се подобри. Исто така, расходите можат да се подобрат ако се зголеми бројот на ученици во една паралелка и доколку некои училишта се спојат административно“, рече Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.

„За да ги стигнеме резултатите на земјите од Западен Балкан, на земјава ќе и бидат потребни 26 години, што значи секој месец е важен во намалување на овој јаз помеѓу резултатите на нашите деца и резултатите на развиените земји“, изјави Бојана Нацева, виш специјалист за образование во Светска банка.

Преку пилот проектот, УНИЦЕФ и Светска банка во наредниот период ќе поддржат 10 општини.

Андријана Ѓурческа