Синоќешното невреме направи пустош во тетовските села
Поплавени домови, кал и камења до колена, уништена инфраструктура. Ваква е состојбата во тетовските села по синоќешното невреме проследено со еден час силен дожд и град. Мештаните ги пребројуваат и санираат штетите, но вината за ваквата состојба ја лоцираат во немањето на соодветна инфраструктура која треба да го апсорбира шарските водотеци и реки...

За еден час чиниш Шара се спушти во селото, наноси од кал камења и земја ги блокираа патиштата и поплавија домовите, раскажува 70 годишниот Вело Томовски, од тетовско Непроштено.
Не памети вакво невреме уште од 1963 година, кога Долни Полог беше буквално под вода, но и вчера после 50 години се повтори истата приказна, раскажува Томовски.
Мештаните сметаат дека последиците не би биле толку големи, ако имавме регулирани шарски водотеци, но и соодветна атмосферска канализација.
Реката во Непроштено поминува низ цевка каде неопходно е да се изгради мост, кој би имал капацитет да прими поголеми количини на вода.
И во Теарце, село на неколку километри од Непроштено има големи штети. Општинската екипа работеше на терен, се чистеа цевки и патиштата. Градоначалникот на Општина Теарце, Нухи Незири, вели дека општината работи на планови за изградба на соодветна инфраструктура како би се избегнале вакви штети.
Како голем проблем и мештаните и локалните власти ја лоцираа и дивата сеча на Шара но и дивоградбите, кој ги засилуваат ерозивните процеси на планинското подрачје.
Зоран Димовски
