Во финалето на Мастерсот во Рим, Ѓоковиќ го надигра Надал

18.05.2014 20:06

Трета Мастерс титула за Новак Ѓоковиќ годинава, трета и во неговото петто финале во Рим.

Во мечот за титулата на 5 – от Мастерс во сезоната, Србинот го совлада Шпанецот Рафаел Надал со 2 : 1 во сетови, со што во 41 – от меѓусебен дуел ја намали негативата во вечната пресметка на 19 : 22. Надигрувањето на двајцата најдобри светски тенисери траеше 2 часа и 19 минути, а во првиот сет Надал ја презеде контролата и поведе со 4 : 1. Ѓоковиќ врати еден од загубените сервиси, но не успеа да го избалансира сетот кој му припадна на Надал со 6 : 4. Затоа пак од стартот на вториот го подигна нивото на игра, ги сведе грешките на минимум и се почесто освојуваше поени на вториот сервис на големиот ривал, што придонесе до го добие сетот со 6 : 3 и да се избори за трет сет. Во решавачкиот слична слика, Новак почна со одземен сервис на противникот, а во периодот на атомски тенис и врвни потези Рафа успеа да возврати во шестиот гем, кога израмни на 3 : 3. Тоа дополнително го мотивира Ѓоковиќ кој возврати со “рибрејк“ и одново преземање на контролата во сетот и на крајот заврши триумфално со 6 : 3.

Својата 19 Мастерс титула Ѓоковиќ им ја посвети на неговите сонародници кои деновиве се соочуваат со тешки моменти поради поплавите што ја зафатија Србија. Надал и покрај поразот останува неприкосновен во Рим, каде што има 7 победи, а само вторпат е поразен во своето 9 – то финале. Шпанецот со 27 Мастерс трофеи е прв во историјата, втор е Рожер Федерер со 21, кој сега има само 2 тирули повеќе од Ѓоковиќ. Во наредниот период врвните светски тенисери ќе бидат насочени кон настапите на Ролан Гарос и на Вимблдон, а следниот Мастерс турнир е во Торонто во периодот од 4 до 10 август.