ВМРО-ДПМНЕ: Бектеши е запознаен со бизнисите на Ахмети
Се покажа дека Бектеши е запознаен со состојбите во семејството Ахмети, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Го прашуваат кога очекува да стартува проектот за изградба на фотонапонска централа. Од СДСМ пак велат – ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија, а потврда за тоа е како што велат случајот „феникс“...

Министерот за економија покажа дека е прилично запознаен со бизнис активностите и имотната состојба на семејството Ахмети, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија со прашање до Бектеши – кога очекува да стартува проектот за изградба на фотонапонска централа на семејството Ахмети дали тоа ќе биде како што велат, следната мултимилионска инвестиција на кланот Зајас.
И додека од ВМРО-ДПМНЕ бараат семејството Ахмети да се соочи со одговорност, а ДУИ со опозиција, од СДСМ велат – ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија, а потврда за тоа е како што велат случајот „Феникс“. Од владејачката партија додаваат дека највисоки поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ се осомничени за злоупотреба на 57 милиони евра народни пари за 11 споменици од проектот „Скопје 2014“.
„Преку спомениците биле перени пари, милиони евра кои завршувале во џебови на неколкумина од „белата палата“. На грбот на македонскиот народ, но и на македонските великани, како Гоце Делчев, Никола Карев, гемиџиите, луѓе од ДПМНЕ се богателе, додека народот осиромашувал. Зад лажниот патриотизам на ДПМНЕ се крие криминална шема за испумпување на народните пари на криминален начин да завршат во нивните џебови“, се вели во соопштението на СДСМ.
Социјалдемократите наведуваат дека проневерените 57 милиони евра можеле да се направат 33 нови градинки и 15 училишта.
Марија Котовска
