Украина

Конкретни чекори за прием на Украина во НАТО, побара Зеленски

07.07.2023 09:52

Украинскиот претседател ги повика лидерите на НАТО да преземат конкретни чекори за прием на Украина во алијансата на самитот во Вилнус следната недела. Во рамки на турнејата низ Европа. Зеленски денеска е во Турција на средба со претседателот Ердоган...

Украинскиот претседател ја продолжува турнејата низ Европа. Денеска е на средби во Турција со претседателот Ердоган. Зеленски ги повика лидерите на НАТО да преземат конкретни чекори за прием на Украина во Алијансата на самитот во Вилнус следната недела, а за тоа ја доби поддршката од чешкиот претседател Петр Павел за време на неговата посета на Прага.

„Сакаме да бидеме поканети да влеземе во НАТО. Разбираме дека може да настанат компликации, ако сакаме да ја добиеме поддршката од сите партнери во алијансата. Тоа е предизвик. Некои луѓе сè уште гледаат кон Москва и Русија, но мислам дека сега е вистинското време да се покаже единството и храброста на Алијансата. Треба да испратиме јасен сигнал дека ова е пресвртница за нас“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, Стејт департментот соопшти дека администрацијата на Џо Бајден не ги одобри, ниту поддржа, тајните состаноци на поранешните функционери на Службата за национална безбедност со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, за можни преговори за крај на војната во Украина.