Украина

Зеленски ги повика лидерите на НАТО да преземат конкретни чекори за прием во Алијансата

07.07.2023 12:46

Украинскиот претседател ги повика лидерите на НАТО да преземат конкретни чекори за прием на Киев во Алијансата. Администрацијата на американскиот претседател решила да испрати касетна муниција за Украина. Од Пентагон тврдат дека одлуката и натаму се разгледува…

Украинскиот претседател ја продолжува турнејата низ Европа. Зеленски упати апел до европските претставници, да направат сè што е можно за да почнат разговори за пристап во блокот оваа година. Властите во Чешка ветија дополнителни воени хеликоптери на Украина и обука на пилоти.

„Убеден сум дека иднината на Украина е во Европската унија и во НАТО, а со тоа ќе се обезбедат гаранции, ваква ситуација со која се соочуваме сега во Европа, да не се повтори“, рече чешкиот премиер, Петр Фиала.

По средбата со чешкиот претседател Павел, Зеленски ги повика лидерите на НАТО да преземат конкретни чекори на самитот во Вилнус, идната недела, за прием на Украина во Алијансата. Руско-украинската војна, договорот за жито и односите меѓу Анкара и Киев, тема и на состанокот Зеленски-Ердоган во Истанбул.

„Сакаме да бидеме поканети да влеземе во НАТО. Разбираме дека може да настанат компликации ако сакаме да ја добиеме поддршката од сите партнери во алијансата. Некои луѓе сè уште гледаат кон Москва и Русија, но мислам дека сега е вистинското време да се покажат единството и храброста на Алијансата“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Белата куќа реши да испрати касетна муниција за Украина. Од Пентагон тврдат дека одлуката се разгледува. Касетна муниција е забранета во повеќе од 120 земји. Групите за човекови права ги повикаа Киев и Москва да престанат да го користат контроверзното оружје.

„Имаме повеќе варијанти на подобрена конвенционална муниција со двојна намена во нашите залихи, а оние што размислуваме да ги обезбедиме нема да вклучуваат постари варијанти. Свесни сме за извештаите за нивната употреба во минатото. Со нашите партнери, единството и натаму останува многу силно, кога станува збор за поддршката на Украина и обезбедувањето на капацитетите што им се потребни за да бидат ефективни на бојното поле“, изјави Генерал Патрик С. Рајдер, портпарол на Пентагон.

На фронтот, украинските оружени сили напредуваат во регионот Бахмут и во исто време добиваат обука за борба против непријателот. Руското Министерство за одбрана, пак, објави снимка од вежба со балтичкиот ракетен систем со краток дострел „Искандер-М“. Во меѓувреме, повеќе од 50 проектили ја погодија руската погранична област Белогород.

Маријана Димовска