Родилката која се обиде да си го одземе животот сè уште е во критична состојба
Од КАРИЛ за МТВ велат дека жената се наоѓа на машина на дишење, има тешки повреди на главата, вратниот ’рбет, градите и карлицата...

Сè уште е во критична состојба 39-годишната жена која во неделата се обиде да си го одземе животот скокајќи од првиот кат на Клиниката за гинекологија, три дена откако се породила.
Од КАРИЛ за МТВ велат дека жената се наоѓа на машина на дишење, има тешки повреди на главата, вратниот ’рбет, градите и карлицата.
Родилката во два наврати по породувањето се пожалила дека чувствува вознемиреност. Вчера вонредниот инспекциски надзор пак утврди пропуст во реализирање на конзилијарните прегледи побарани во два наврата за родилката која скокна од прозорец, со оглед на тоа што не се реализирани, соопштија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Со решение ќе им наложат на одговорните лица на Клиниката за гинекологија спроведување постапка за утврдување одговорност од страна на здравствените работници, кои до крај не ја спровеле постапката за обезбедување на доктор специјалист по психијатрија.
