Руско - украински конфликт

Кремљ: Засега нема никакви изгледи за преговори со Украина

07.07.2023 14:12

Продолжува турнејата на Зеленски низ Европа. Администрацијата на Бајден решила да испрати касетна муниција за Украина. Од Пентагон тврдат дека одлуката и натаму се разгледува. Руско-украинската војна и договорот за жито, тема и на состанокот Зеленски-Ердоган во Истанбул. Од Кремљ внимателно ги следат состаноците на украинскиот претседател…

Украинскиот претседател ја продолжува турнејата низ Европа. Зеленски упати апел до европските претставници да направат сè што е можно за да почнат разговори за пристап во блокот оваа година. Властите во Чешка ветија дополнителни воени хеликоптери на Украина и обука на пилоти.

„Убеден сум дека иднината на Украина е во Европската унија и во НАТО, а со тоа ќе се обезбедат гаранции ваква ситуација со која се соочуваме сега во Европа, да не се повтори“, рече чешкиот премиер, Петр Фиала.

Зеленски ги повика лидерите на НАТО да преземат конкретни чекори на самитот во Вилнус идната недела за прием на Украина во Алијансата. Руско-украинската војна, договорот за жито и односите меѓу Анкара и Киев, тема и на состанокот Зеленски – Ердоган во Истанбул.

„Сакаме да бидеме поканети да влеземе во НАТО. Разбираме дека може да настанат компликации ако сакаме да ја добиеме поддршката од сите партнери во Алијансата. Некои луѓе сè уште гледаат кон Москва и Русија, но мислам дека сега е вистинското време да се покажат единството и храброста на Алијансата“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Од Кремљ внимателно ги следат состаноците на украинскиот претседател. Меѓу другото велат дека засега нема никакви изгледи за преговори со Украина, но Русија никогаш не ја затворила вратата за преговарачкиот процес.

„За жал, политичките и дипломатските средства се недостапни во моментов, пред сè, веројатно поради одбивањето од Киев, како и изразената ненаклонетост кон таков процес, пред сè, од Вашингтон, кој, се разбира, има директно влијание и управува со режимот во Киев“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Во меѓувреме, Белата куќа реши да испрати касетна муниција за Украина. Од Пентагон тврдат дека одлуката се разгледува. Касетна муниција е забранета во повеќе од 120 земји.

Маријана Димовска