Дебата

Јавна расправа за новиот Предлог- закон за култура

07.07.2023 14:27

Систематизација на работните места и заштита на културното наследство – ова се дел од забелешките кои беа истакнати на презентацијата на новиот Предлог- закон за култура . Надлежните велат тој е правна рамка која ќе нè доближи до европските модели на остварување во културата ...

Децентрализирање и финансирање на националните институции, како и начинот на стекнување и добивање на стручни звања од областа за заштита на културното наследство – се главните забелешки на Синдикатот за култура за новиот Предлог – закон во ресорот. Оттаму додаваат, добивањето на стручното звање не е само работно место, туку и поголеми работни обврски, а во државата недостига таков кадар.

„Знаеме дека добивањето на стручното звање не е само работно место туку и поголеми работни обврски и водење на проекти, а во државата недостасува таков кадар. Сакаме со овој Закон да се доуредат тие работи да може луѓето кои ќе добијат стручно звање соодветно да им се валоририза трудот“, изјави Вера Атанасовска, претседател на СКРМ.

Од Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ имаат забелешка за членот 76 од Законот, каде што давателите на услуги се регулираат со давањето на  звања.

„Ние се вработуваме како библиотекари, и потоа добиваме звања. Сметаме дека критериумите кои се одредени во Законот се малку благи. За да станете виш библиотекар треба да имате три години работно искуство, што сметам дека е многу малку“, изјави Јелисавета Костадиновска од НУБ „СВ. Климент Охридски“.

Клучните прашања што се утврдени се носењето на годишниот план за финансирање во културата, како и планот за финансирање за заштита на културното наследство за период од пет години.

„Задолжително да содржи најмалку еден проект што ќе биде реализиран во партнерство, односно во продукција со уметници, културни работници, самостојни уметници, здруженија или фондации од областа на културата“, изјави Владимир Ангелов, директор на Кинотека.

„Овој Закон претставува правна рамка која е неопходна за да се уреди еден креативен и слободен простор како што е културата која ќе нè доближи до европските модели на остварување на културата и до современите тенденции за развој на уметноста и културата“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Предлог – законот за култура е испишан на 50-тина страници, на него се работи од 2017-та година и со него се очекува да се постигне современа правна рамка.

 

Андријана Ѓурческа