Во завршна фаза е проектот за воспоставување на едношалтерски систем на граничниот премин Ќафасан
Во завршна фаза е проектот за воспоставување на едношалтерски систем – заеднички контроли на граничниот премин Ќафасан. Завршија административните формалности започнуваат инфраструктурните зафати. Идејата започна во 2018 година, а протоколите со Албанија за имплементација на „Оne-stop shop“ беа потпишани во ноември лани...

Директорите на македонската и албанската Царинска управа извршија увид на граничниот премин Ќафасан, во однос на воспоставувањето едношалтерски систем – заеднички контроли. Проектот е во завршна фаза, граничните формалности со едно застанување ќе значат олеснување на трговијата, транспортот и протокот на патници.
На Ќафасан е веќе воспоставена приоритетна лента за сите товарни возила од земјите од Отворен Балкан.
„Во моментов во царинската управа во подготовка се проекти за зголемување на бројот на сообраќајни ленти и автоматизација на граничниот премин. Сите овие активности се во насока на побрзо завршување на царинските постапки, намалување на трошоците и подобрување на конкурентноста на домашните компании на меѓународниот пазар“, истакна Стефан Богоев директор на Царинска Управа на С. Македонија.
Протоколите со Албанија за имплементација на „Оne-stop shop“ на преминот Ќафасан-Caftane беа потпишани во ноември лани.
„Тука сме за еден многу важен проект за едношалтерски систем (Оne stop shop), кој ќе го подобри животот и бизнисот не само во Северна Македонија и Албанија, туку и во регионот“, истакна директорот на Царинска Управа на Албанија, Генти Гажели.
Инфраструктурните зафати се очекува да завршат за неколку месеци и конечно да стартуваат заедничките гранични контроли.
Соња Рилковска
