Битола

Проект за афирмација на културата и традицијата „Креативни и иновативни занаети за млади“

08.07.2023 14:06

Центарот за локални иницијативи од Битола, под покровителство на Министерството за култура, за прв пат организираше летна школа во рамките на проектот „Афирмација на културата и традицијата преку креативни иновативни занаети за млади“. Целта на овој проект е младите да се доближат до старите занаети и да се поттикнат да направат спој помеѓу старото традиционално и новото модерно, со што би се спречило изумирањето на занаетчиството …

Кога ќе го слушнеме зборот занает, во глава ни поминува-стар дуќан, стар мајстор и нешто што се поретко се сретнува меѓу чаршиските излози. За да се промени таквата перцепција, во Битола во тек е проект кој има за цел реанимација на старите занаети и нивно промовирање како модерни индустрии за младите.

„Да покажат дека навистина во младите луѓе има капацитет да се реализираат овие стари занаети, да се поврзе нашата традиција, културното наследство со она што значи модерно атрактивно и нешто што може да биде основа за бизнис“, изјави Мимоза Богданоска Јовановска, координатор на проектот.

На проектот ќе се работи цело лето. Во првиот дел – летната школа, учествуваа младите креативци со нивните ментори, и низ практична настава ги открија техниките за изработка на везови, филигран и накит со мотиви од фолклорот и културата-изработувајќи производи од сребро, текстил и глина.

„Работеа од идеа до скица и до реализација, на крајот извадија производи со врвен квалитет“, вели Јовановска.

Во вториот дел ќе се работи на креирање дигитална платформа, каде што ќе бидат поставени сите материјали кои се резултат од овој проект-за да можат и оние кои не беа вклучени во школата, а кои ќе пројават интерес да погледнат и совладаат дел од вештините, а притоа да се мотивираат да ги изучуваат овие занаети во иднина.

 

Александра Максимовска