Започна изградбата на кеј на реката Вардар во Велес
По повеќе месечен застој, конечно започна да се гради кеј на реката Вардар во Велс, од десната страна, инвестиција на ЕУ. Треба да биде завршен до крајот на годинава. Отстранети и пречките за изградба на пречистителна станица и колекторски систем за отпадни води од домовите на велешани, исто така проект на ЕУ …

По половина година застој продолжи изградбата на кеј на реката Вардар, една од капиталните инвестиции во Велес. Градежните активности се во тек иако проблеми изминатиот период создаваше високото ниво на реката Вардар, предизвикано од пролетните дождови. Должината на кејот ќе биде 200 метри од мостот „Гемиџии“ до Мало мовче или спротивно од тој кој е изграден на левата страна. На него ќе се најдат и неколку киосци, каде ќе се продава велешки локални сувенири и рачни изработки,
Рокот на изградба е до крајот на годинава. Вредноста е 430 илјади евра грант а од ЕУ за меѓу гранична соработка со Грција. Причината за доцнењето на изградбата која требаше за започна на 1-ви ноември беше забраната за работа издадена од Министерството за животна средина, поради нецелосна документација. Подоцна Општина Велес објави дека документите биле во ред и залудно биле изгубени шест месеци. Затоа пак конечно се отстранети пречките за реализација проектот за изградба на колекторски систем и пречистителна станица за отпадните води од Велес, исто така проект финансиран од ЕУ.
Изградбата на колекторскиот систем и пречистителна станица се во вредност од 24 милиони евра, грант од ЕУ.
Петар Печков
