Истанбул

Турскиот претседател Ердоган со поддршка на Украина за членство во НАТО

08.07.2023 10:08

Украина заслужува да биде членка на НАТО - по средбата со Зеленски порача турскиот претседател Ердоган. Вашингтон предупреди дека на самитот во Велнус земјата нема да добие целосна поддршка за членство во Алијансата …

Несомнено Украина заслужува да биде членка на НАТО, вели турскиот претседател Ердоган. Украинскиот претседател Зеленски доби поддршка од Анкара во рамки на европската турнеја за поддршката за влезот на Украина во Алијансата. Со турскиот претседател во Истанбул разговарано за договорот за жито, руско-украинската војна и односите на Анкара и Киев.

„Украина заслужува да биде членка на НАТО. Би сакал повторно да ja нагласам оваа точка која секогаш упорно ја бранев. Слушнавме за размена на затвореници од украинска страна. Разговараме и со руската страна. Следниот месец г. Путин исто така ќе ја посети Турција. Станавме земја која вложи најинтензивни напори за завршување на војната преку преговори врз основа на меѓународното право“, изјави турскиот претседател Реџип Таип Ердоган.

Членката на НАТО Турција одржува блиски врски и со Украина и со Русија, користејќи ги односите со двете земји за да дејствува како посредник.

„Благодарен сум за поддршката на Црноморската иницијатива за жито и хуманитарната иницијатива „Зрно од Украина“. На народот од нашиот регион му се потребни позначајни напори за да се ограничат агресивните амбиции на Русија и да гарантираат стабилност во регионот на Црното Море“, изјави украинсккиот претседател, Володимир Зеленски.

Истовремено Вашингтон предупреди дека Украина нема да стане членка на НАТО на Самитот на Алијансата во вторник и среда во Вилнус. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и другите членки на Алијансата, исто така, не и дадоа целосна поддршка на Украина кога станува збор за нејзиниот прием во одбранбениот блок. Лидерите на Алијансата треба да се договорат за пакетот поддршка за Украина следната недела, изјави Столтенберг вчера во Брисел.

 

Маријана Димовска