Еко-инспекциски контроли во Тетово
Несовесни граѓани фрлаат смет во Тетово каде ќе стигнат, но засега од Инспекторатот за животна средина само добиваат опомени, казни речиси и да нема. Градот под Шара е со преполни контејнери и мини диви депонии, особено во овој период од годината кога доаѓаат печалбарите …

Речиси дваесет тони разновиден комунален отпад се создава во Тетово на дневна основа. Но, тој не завршува таму каде што треба, на депонија, голем дел од него е околу контејнерите на тревниците, долж речните корита.
Од Инспекторатот за животна средина велат дека опоменале 30 физички лица за фрлање на смет на несоодветни места. Наложиле на комуналните претпријатија да се постават садови за селектирање на отпад.
Но, комуналните проблеми не завршуваат тука. Инспекторите евидентирале и изрекле санкции за лица, кои отпадните води од септичките јами ги истурале на улица.
Градоначалникот на Тетово Билал Касами, неодамна најави дека ЈКП „Тетово“ ќе ги зголеми своите капацитети во пресрет на доаѓањето на печалбарите кога се собираат поголеми количини на смет на дневна основа. Но, граѓаните ако сакаат почист град редовно треба да ги плаќаат комуналните сметки, и да се однесуваат поодговорно кон јавните површини, дополни тој.
Тетово сè уште го нема решено проблемот со претовар на комуналниот смет пред да се однесе во регионалната депонија во гостиварско Русино.
Отпадот наместо во посебни контејнери или хали се претовара без никакви стандарди на земја загадувајќи ја тетовската почва, подземните води и воздухот.
Зоран Димовски
