Охрид

Холандско семејство ја пронајде иднината во Охрид

08.07.2023 11:42

Секојдневно слушаме информации за иселување на македонски семејства во странство, а во Охрид едно холандско семејство ја пронајде својата иднина. Велат дека во земјата има одлични услови за бизнис, со што можеби ќе поттикнат некои наши иселеници да го следат нивниот пример …

Со мојата сопруга имавме работа во Холандија. Ја оставивме, ги продадовме куќата, вториот автомобил и сè што ни остана ставивме во автомобил и дојдовме во Македонија за да отвориме бизнис. Ова го вели Холанѓанецот Брајан Јансен кој пред околу две години заедно со сопругата Кати отворија ресторан во Охрид. Презадоволен сум од животот во новата средина ни раскажа тој.

„Македонците се дружељубив народ, земјата е убава, се чувствувам прифатен од луѓето. Ми помагаат да научам македонски, а тука има многу можности да се отвори бизнис. Решивме тоа што го сакаме да го направиме тука во Македонија. Зборувам малку македонски, но се разбирам“, изјави Брајан Јансен, сопственик на угостителски објект.

Кати има македонски корени и вели дека во Охрид дошле да живеат на инсистирање на нејзиниот сопруг.

„Значи јас сум по мајка Македонка, по татко Холанѓанка, родена во Холандија. Но, секогаш сум имала многу добра врска со Охрид, нормално сме доаѓале на одмор секоја година. И тој најмногу изрази желба затоа што се заљуби во Македонија. Се одлучивме ако сакаме да пробаме, тоа е сега момент да пробаме“, вели Кати Јансен, сопственичка на угостителски објект.

Во нивниот ресторан доаѓаат голем број холандски туристи, Македонци и гости од целиот регион.

„Се обидовме да пополниме една празнина со нови специјалитети. Имаме доста вегетаријански специјалитети, месо коешто е благо зачинето и слично. Целта ни беше да им понудиме нешто ново на туристите и Македонците“, додава Брајан.

Брајан и Кати имаат желба да инвестираат и во друг бизнис, но засега тоа е тајна. Тоа значи дека Охрид е веќе нивниот втор дом и нивната иднина.

 

Сашо Нелоски