500 денa војна во Украина
Во Укрaина минува 500-от ден од почетокот на војната. Има на девет илјади загинати цивила. САД испраќаат касетна муниција во рамки на новиот пакет воена помош. Нема поддршка за влез на земјата во Алијансата...

500 дена војна во Украина. Повеќе од 9.000 цивили, вклучително и над 500 деца загинаа од почетокот на руската инвазија, велат од Обединетите Нации. Киев тврди дека напреднале повеќе од еден километар во близина на Бахмут. Руските сили со дронови го нападнаа украинскиот град Кривиј Рих. САД испраќаат касетна муниција во рамки на новиот пакет воена помош од 800 милиони долари.
„Ќе се погрижиме украинската војска да има доволно артилериска муниција уште многу месеци. Во изминатата година и половина, претседателот Бајден беше јасен дека ќе ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно“, изјави Колин Кал, потсекретар за одбрана на САД.
120 земји ја забранија употребата на касетни бомби поради опасноста од голем број цивилни жртви. САД, Русија и Украина се меѓу земјите кои не се потпишаа на Конвенцијата за забрана за употреба на овој вид оружје.
„Украина користи муниција за да го заштити сопственото цивилно население. Треба да запомниме дека Русија веќе употреби касетна муниција во голем размери во нелегална агресивна војна против Украина“, изјави Штефен Хебестрајт, портпарол на Владата на Германија.
Од Вашингтон се децидни, Украина не е подготвена за членство во НАТО. Ниту генералниот секретар Столтенберг не даде целосна поддршка. Украинскиот претседател ги повика лидерите да преземат конкретни чекори. Зеленски во рамки на европската турнеја доби поддршка за членство од турскиот претседател.
„Украина заслужува да биде членка на НАТО. Би сакал повторно да ја нагласам оваа точка која секогаш упорно ја бранев. Станавме земја која вложи најинтензивни напори за завршување на војната преку преговори врз основа на меѓународното право“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
На Самитот на НАТО, во Вилнус на 11 и 12 јули се очекува да биде потврден договорот, сојузниците да одвојат најмалку 2 насто од БДП за одбраната.
Маријана Димовска
