ПОЛИТИКА

Власта и опозицијата со непроменети ставови за уставните измени

08.07.2023 15:04

Наместо приближување, власта и опозицијата дополнително ги оддалечуваат позициите за уставните измени. СДСМ бара секој пратеник во Собранието да покаже одговорност, за земјава да не се доведе во ситуација самата да си го блокира евроинтегративниот пат. Од ВМРО-ДПМНЕ велат – власта ја пропушти шансата да се изгради консензус. Лидерот на партијата Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ги прекинува сите официјални комуникации на билатерално ниво со претставници на власта. Побара наесен да се организираат предвремени избори...

Власта убедена дека е отворен патот, ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка за уставните измени. За опозицијата, пак, единствен пат се предвремени парламентарни избори наесен. Разликите остануваат дијаметрално спротивни. Вицепремиерот Маричиќ вели оти и натаму се разговора со пратениците и со претставници од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, рано е да се зборува за конкретен исход, но, посочи дека се прави сè за да се обезбеди потребната поддршка.

Нема повеќе разговори за уставните измени, да седнеме да се договориме кога и дали со техничка влада или без неа ќе се одржат предвремените избори, дециден претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски кој предложи тие да се случат наесен. Тој рече дека партијата ги прекинува сите комуникации на билатерално ниво со власта за уставните измени.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нема разногласие во нивните редови.

Во наредните две недели уставните измени ќе бидат доставени во Собранието и јавно објавени за граѓаните да се уверат оти станува збор за технички амандмани, најави премиерот Ковачевски. За него, овој процес не е поврзан со мандатот на Владата, туку со европската интеграција и затоа вели – наесен нема да има избори.

 

Викторија Милевска