Скопје

Предупредувачки протест на група работници во ЈП „Комунална Хигиена“

08.07.2023 17:54

Директорката на „Комунална хигиена“, Косана Николиќ-Мазнева се пожали на опструкции во работата на претпријатието, откако група работници почна предупредувачки протест со барање повисоки плати, К-15 и други бенефиции, но и враќање на нивни колеги, на кои не им биле продолжени договорите за работа. Николиќ-Мазнева поднела кривична пријава. Рече дека овие луѓе со години оделе само трета смена за повисоки примања...

Против групата вработени кои ја блокираат работата на „Комунална хигиена“ е поднесена кривична пријава, информира директорката на претпријатието, Косана Николиќ – Мазнева. Таа вели дека една од причините за попречувањето е издадената наредба за сменско работење, со која од сите вработени се бара работа во смени по принцип на ротација. Таа откри дека една голема група вработени веќе 15 години се распределува само во трета смена, со цел да добива поголеми плати и бенефиции. Втора причина за блокадата, вели Мазнева, е барањето за зголемување на плата, иако платата била зголемена во март, а во тек е пресметка за дополнително зголемување.

Групата вработени кои протестираат велат дека директорката Мазнева не ги зема во предвид нивните барања за покачување на плати, исплата на К– 15 и бенефициран стаж. Револтирани се и од тоа што на десетина нивни колеги не им биле продолжени договорите за работа. Додаваат и дека наместо да ја прифати поканата за состанок, Мазнева им повикала полиција.

Во знак на револт, дел од вработените во комунална хигиена не излегуваат да го соберат сметот во ноќните часови.

 

Марија Котовска