охрид

Во Охрид се е подготвено за отворањето на „Охридско лето“

09.07.2023 10:39

На дванаесетти јули ќе биде подигната завесата на 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Од дирекцијата на фестивалот велат дека се е подготвено за неговото одржување и дека во текот на четириесетте фестивалски вечери очекуваат рекордна посетеност. Ќе настапат светски познати имиња од светот на музичката и драмската уметност, но сепак во центарот на вниманието ќе бидат оперската дива, Анџела Георгиу и еден од најпознатите актери во светот, Џон Малкович …

Ѕвезди на годинешното 63-то издание на „Охридско лето“ ќе бидат оперската дива, Анџела Георгиу со чиј настап на античкиот театар ќе биде отворен фестивалот и еден од најпознатите холивудски актери Џон Малкович, кој со својот проект ќе настапи на 26-јули. Од дирекцијата на Фестивалот велат дека иако станува збор за врвни уметници тие до организаторот не упатиле некои специфични или необични барања, што говори за нивната едноставност како личности.

„Сепак се уметници и ја сакаат сцената и тоа секогаш преовладува. А нивните барања, некогаш и во од кога се тука можеби нешто ситно би сакале да пробаат, да јадат од нашата кујна, македонска кујна или да видат одреден музеј. Би рекла дека се многу нормални, големи, а сепак многу нормални“, изјави Наташа Поповиќ, директорка на фестивалот „Охридско лето“.

Фестивалот има огромно влијание врз туризмот во Охрид, бидејќи големите уметници се магнет за многу вљубеници во музичката и драмската уметност.

„По мене сезоната во Охрид почнува со фестивалот „Охридско лето“ на 12-ти јули и завршува со фестивалот на 20-ти август. Привлекува многу туристи, многу публика, а бидејќи имаме многу резервации од многу луѓе од странство коишто се заинтересирани пред сè за Фестивалот, а понатака остануваат нормално да уживаат во убавините на древниот Охрид“, додава Поповиќ.

Очекуваме рекордна посетеност вели Поповиќ, затоа што имаме одлична програма, каква што му доликува на фестивал којшто се вбројува помеѓу најдобрите 5 во Европската асоцијација на фестивали во Брисел.

 

Сашо Нелоски