Скопје

Смет насекаде во метрополата

09.07.2023 13:27

Контејнерите во Скопје и денеска преполни, смет и околу нив. Вработените во „Комунална хигиена“ продолжуваат со штрајкот. Бараат да се вратат нивните колеги што добија отказ, да добијат повисоки плати, К-15 и бенефициран стаж. Директорката Мазнева за блокадата обвини дел од групата, вели правеле сменски ротации за повисоки примања и бенефиции. Доцна синоќа најави-разговорите ќе продолжат утре …

Преполни контејнери, ѓубре во и околу контејнерите. Ваква е сликата во речиси секоја населба во главниот град. Ветрот дополнително го разнесува ѓубрето низ улиците. Вработените во „Комунална хигиена“ во петокот пред полноќ, прекинаа со работа.

Нема место каде да се фрли отпадот, насекаде има смет – граѓаните се жалат на неподнослива реа. Велат дека се гневни, се плашат и од зарази.

Сметот во главниот град веќе неколку денови не се собира поради превирањата во ЈП „Комунална хигиена“. Дел од работниците одбиваат да ги извршуваат работните задачи – бараат повисоки плати, К-15 и бенефициран стаж, но и враќање на работа на нивните колеги чиишто договори не биле продолжени, а кои директорката Николиќ – Мазнева ги обвини за неработење и злоупотреби со дежурствата.

Тензичната атмосфера продолжи и ноќеска, кога Николиќ – Мазнева разговарала со работниците. Им ветила исплата на К-15. Била повикана и полиција поради попречувањето на работата на претпријатието и на другите вработени да ги извршуваат работните обврски. Известен е и јавен обвинител. Николиќ – Мазнева рече дека една поголема група веќе 15 години се распределува само во трета смена за поголеми плати и бенефиции, а некои и воопшто и не работеле.

Неколку скопски општини јавно побараа Градот и Комунална хигиена што поскоро да најдат решение за проблемот со собирањето на сметот.

 

Ана Јосифоска Тодоровска