САД со потсетување до Пекинг да не и помага на Москва
Москва го повикува НАТО на Самитот во Велнус да разговара за нуклеарката Запорожје. Украинското разузнавање тврди дека руските сили продолжуваат да ја минираат централата. Вашингтон со апел до Пекинг да не и помага на Москва. Зеленски се врати од Истанбул со заробените команданти од Азовстал ...

Се стега обрачот околу Русија. Вашингтон со уште едно потсетување до Пекинг да не и помага на Москва. Американската министерка за финансии по посетата на Кина, истакна дека ги потсетила колегите да не ја поткопуваат поддршката на САД за Украина.
„Ја истакнав важноста за ставање крај на бруталната и незаконска војна на Русија против Украина. Потенцирав дека е од суштинско значење кинеските фирми да избегнуваат да и даваат материјална поддршка или помош на Русија и можност за избегнување санкции“, изјави Џенет Јелен, министер за финансии на САД.
Зеленски се врати од Истанбул со заробените команданти од Азовстал. Русија со осуда, според договорот за размена на затвореници, заробените команданти требало да останат во Турција до крајот на војната. Од Кремљ велат дека никој не ја информирал Москва за трансферот.
„Тие се бореа за доброто на Украина, се бореа херојски. Тие поминаа низ руско заробеништво. Потоа беа во Турција повеќе од триста дена. Време е тие да бидат дома. Сакам да му се заблагодарам на нашиот тим кој работеше за враќање на Украинците дома. Благодарен сум и на турската страна и на претседателот Ердоган лично за помошта во ослободувањето на нашиот народ“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во меѓувреме реакции од Меѓународната заедница за испораката на касетна муниција во Украина.
„Шпанија, врз основа на цврстата посветеност што ја има кон Украина, исто така има цврста посветеност кон фактот дека одредени оружја и бомби не можат да бидат испорачани под никакви околности. Не за касетните бомби и да за легитимната одбрана на Украина која ние разбираме дека не треба да се врши со касетни бомби“, изјави Маргарита Роблес, министерка за одбрана на Шпанија.
Украинското разузнавање тврди дека руските сили продолжуваат да ја минираат нуклеарната централа Запорожје. Русија го повикува НАТО на Самитот во Вилнус да разговара за украинската нуклеарна централа. На фронтот продолжува контраофанзивата. Русија ги концентрира нападите во правец на Лиман, Бахмут, Авдеевка и Маринка, соопшти украинскиот Генералштаб.
Маријана Димовска
