уставни измени

Османи: Изјавата на Мицкоски е непромислена

09.07.2023 15:33

Изјавата на Мицкоски дека ја прекинува билатералната комуникација за уставните измени е лоша и непромислена – оцени шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи. Тој ја реафирмираше понудата – опозицијата да даде поддршка за процесот, а потоа да се оди на распуштање на Собранието и организирање нови избори. Министерот не губи надеж дека ќе има и повеќе пратенички гласови од потребното двотретинско мнозинство. Уставните измени, дел и од разговорот на Османи со бугарската колешка Габриел …

Шефот на дипломатијата Османи е убеден дека процесот на уставни измени ќе биде успешен, иако ВМРО-ДПМНЕ најави прекин на комуникацијата со власта. Одлуката на Мицкоски е лоша и непромислена, коментира Османи, додавајќи дека нема да се откаже од овој процес. Министерот рече дека ги продолжува разговорите со пратеници од опозицијата, каде гледа поддржувачи на европската перспектива кои се подготвени да гласаат за уставните промени. Не откри кои се и во колкав број.

Уставните измени тема и на првата средбата на Османи со бугарската колешка Габриел во Дубровник. Во двете земји има политичари кои се координираат за да го минираат процесот на вметнувањето на Бугарите во Уставот, рече Османи. Со Габриел се договориле да се интензивираат политичките и бизнис комуникации кои заостанале поради политичките случувања во двете земји.

Шефот на дипломатијата вели дека протоколот и договорот со Бугарија не се дел од патоказите, единствено што ќе се мери при отворањето и затворањето на поглавјата се трите патокази. За две недели уставните амандмани треба да се најдат во Собранието, а потоа да одат на јавна расправа. Со тоа, вели Османи граѓаните ќе се уверат дека нема манипулација со вметнувањето на Бугарите во Преамбулата.

 

Викторија Милевска