Во пресрет на НАТО самитот се погласни тврдењата дека Украина не е подготвена за влез
Во пресрет на НАТО самитот во Вилнус, се погласни се тврдењата дека Украина не е подготвена да стане членка на алијансата. Во Лондон средба на американскиот претседател Бајден со британскиот премиер Сунак на кои главна тема е војската на европско тло. Велика Британија и Канада изразија загриженост за снабдувањето на Киев со касетни бомби, на овој план се спротивстави и Шпанија...

Американскиот претседател пристигна во Лондон. На агендата разговори со кралот Чарлс Трети за климатските промени и животната средина, а со премиерот Риши Сунак главна тема е војната во Украина. Велика Британија и Канада претходно изразија загриженост за одлуката на САД за снабдување на Киев со касетни бомби. На овој план се спротивстави и Шпанија.
„Чест ми е што сте гост овде на Даунинг Стрит. Знам дека сте биле гостин овде неколкупати, но првпат сте како претседател“, изјави Риши Сунак, премиер на Велика Британија.
„Имаме многу теми за кои ќе разговараме. Сметам дека напредуваме во нашите односи“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Во пресрет на НАТО самитот во Вилнус, се погласни се тврдењата дека Украина не е подготвена за членство во алијансата.
„Тие сè уште треба да работат на политички реформи во земјата и се разбира, тие сè уште се во војна во моментов и претседателот сака да се фокусираат на тоа дека ќе успеат во тој потфат. И како што многупати има кажано, ако тие, ако хипотетички би добиле сега членство во НАТО, добро, тогаш НАТО е во војна со Русија“, изјави Џон Кирби, од Национален совет за безбедност на САД.
Киев вчера употреби три проектили во обид да го нападне Кримскиот мост, тврдат од Москва. Руските сили се мобилизираат во обид да ги откријат местата на украински ракети и да возвратат, велат од Министерството за одбрана.
„Ќе ги одржуваме системите за противвоздушна одбрана во постојана подготвеност за покривање на најважните инфраструктурни објекти и индустриски претпријатија лоцирани во дострелот на непријателските ракети и, доколку е потребно, ќе бидат преземени дополнителни мерки што е можно поскоро за заштита од воздушни напади“, изјави Валериј Герасимов-началник на Генералштабот на Русија.
Москва редовно ја обвинува Украина за напади врз цели во Русија. Киев негира, велејќи дека води одбранбена војна на своја територија. Интензивни битки продолжуваат на истокот и на југот на земјата. Украинските сили регистрирале напредок на јужното крило на источниот град Бахмут.
Маријана Димовска
