Арбитражни постапки од 1,5 милијарди евра ѝ се закануваат на Северна Македонија
На Македонија и се заканува присилна наплата од 1,5 милијарди евра вкупна отштета со казнени камати во арбитражните постапки пред меѓународните судови. Во моментов активни се седум арбитражни постапки – соопшти вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи...

Во арбитражни спорови од државава се побаруваат 1.365.000.000 евра без затезна камата, информираше вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи. Во моментов има 7 активни арбитражни постапки кои се координираат од владиното тело. Сите се поднесени во период од 2017 до 2022 година, што значи дека се работи за спорови започнати многу порано, вели Битиќи.
Последна во низа е тужбата од ИНСО Системи за раскинатиот договор за изградба на новиот клинички центар „Мајка Тереза“, кој го потпиша поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, а во меѓувреме беше прекината неговата реализација од новата власт.
Од Владата велат дека случајот е во рана фаза и дека побарувањето на штетата од страна на ИНСО Системи изнесува 19 милиони долари. Турската Гама Гуч, врз основа на билатерален договор за заштита на инвестиции, побарува 5 милиони евра за нереализирана стечајна постапка во врска со гасната централа ТЕ-ТО.
Побарувањата на Хеленик Петролеум за раскинатиот договор за мазут преку ОКТА изнесуваат 21,5 милиони денари. Првично грчката компанија барала 42,6 милиони долари, но Арбитражниот суд ги прифатил аргументите на Владата дека таквото производство на мазут кое би го купувала Македонија е нереално. Семејството Скубенко тужи за 77 милиони евра за загубената концесија во рудникот за злато, сребро и бакар Казандол.
Блажо Тасев, бизнисмен од Словенија, 19 години бара 500 милиони евра за нереализирана експропријација на рудникот Саса.
Марина Стојанова Тонева
