МТСП

Тренчевска: Време е да имаме еднакви можности, еднаков пристап до ресурси и најважно еднакви придобивки од тие ресурси

10.07.2023 14:30

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во утринската програма на Македонската телевизија зборуваше за родовата еднаквост, стереотипите присутни во општеството, за вистината за Предлог законот за родова еднаквост, за семејните вредности, заштитата на децата и серијата настани под наслов „Остави трага“, каде во фокус се младите лица...

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во утринската програма на Македонската телевизија зборуваше за родовата еднаквост, стереотипите присутни во општеството, за вистината за Предлог законот за родова еднаквост, за семејните вредности, заштитата на децата и серијата настани под наслов „Остави трага“, каде во фокус се младите лица.

Министерката посочи дека на Предлог законот за родова еднаквост се работи од 2019 година, формирана е работна група и одржани се 18 јавни расправи низ државата со цел да се слушнат сите чинители во општеството и да се креира законско решение кое може да се реализира со вистински одредби кои можат да се имплементираат.

Таа посочи дека покрај тие причини првично, но и заради усогласување на македонското со европското законодавство се пристапило кон измени. Вклучени се и директиви од европското законодавство, како што се директивата за еднаков третман, директивата за хармонизација на семејниот и професионалниот живот, пристапот до добра и услуги.

Министерката појасни дека со законот се потврдуваат семејните вредности и заштитата на децата.

Таа се осврна на кампањата која го одбележа месец март на Министерството за труд и социјална политика, каде во фокусот беа жените и девојчињата, борбата против насилството врз жените и девојчињата, важноста на менталното здравје и економската независност на жените.

Министерката ја најави неколку месечната кампања за младите „Остави трага“, која ќе се случува во повеќе градови во државата, а започна минатата недела во Скопје. Целта е преку лични приказни се допре до младите, да се подигне свеста за говорот на омраза, за менталното здравје, за можностите коишто институциите ги нудат на младите, вработувањето, можностите за подобри работни места и пристојни плати. Овие настани се мултимедијални, каде е вклучена музика, сликање, театар.