Повлекувањето на водата почна да ги открива штетите во БиХ

19.05.2014 10:31

По големите поплави, Босна и Херцеговина и Србија се соочуваат со свлечишта...

Најмалку 27 лица го загубија животот, во поплавите во Босна и Херцеговина. Само  во Добој, спасувачките екипи пронајдоа 20-тина тела. 
 
Во градот, нивото на водата достигна до 4 метри. Водостојот на реките веќе не се искачува, но повлекувањето на водата почна да ги открива штетите. Од хеликоптер се гледа целиот пустош што го направија поплавите. 
 
Ангажирани се голем број доброволци, но има и нови. Властите ги повикуваат во одбрана на најзагрозените села околу Бјелина.
 
По големите поплави, Босна и Херцеговина и Србија се соочуваат со свлечишта. 
 
Гледаш како земјата се движи кон тебе и не можеш ништо – велат жителите на загрозените региони. 
 
Во Ваљево, Крупињ и Бајина Башта се евидентирани стотина свлечишта. Се уриваат куќите што го издржаа првиот бран. Во Костолац се градат насипи за да се спречи водата да навлезе во окното.
 
Нивото на Сава кај Шабац и Сремска Митровица се намалува, но надлежните предупредуваат на нов бран и внимание денес и утре. Се уште е во тек евакуацијата во Обреновац. 
 
Во Костолац продолжува борбата за утврдување на насипите, а двата тента работат нормално и дополнително се поставуваат вреќи со песок. 
 
Освен новиот бран по Сава, на Србија и на Босна и Херцеговина, по повлекувањето на водата им се закануваат зарази. Во двете земји и натаму пристигнува помош од целиот свет.