МНР

Средба Османи – Џоли во Вилнус

10.07.2023 19:03

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Џоли, во рамки на Самитот на НАТО, во Вилнус, Литванија...

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Џоли, во рамки на Самитот на НАТО, во Вилнус, Литванија.

Поздравувајќи го развојот на билатералните односи, Османи посебно ја потенцираше Декларацијата за стратешко партнерство меѓу двете земји, како значаен потенцијал и солидна основа за натамошно унапредување на меѓусебната соработка.

Соговорниците ја поздравија блиската соработка меѓу Северна Македонија и Канада во рамките на Алијансата, со посебен акцент на нашето учество во Зајакнатото истурено присуство во Латвија, како дел од словенечкиот контингент, каде рамковна нација е Канада. На тој начин, двете земји заедно со останатите сојузници придонесуваат за зајакнување на Источното крило на Алијансата, во време кога тоа е најпотребно.

„Соработката со Канада, во рамки на НАТО, а особено во мултинационалните борбени групи говори за нашиот активен придонес кон зачувувањето на целокупната трансатлантска сигурност, што е особено значајно во новиот геополитички контекст.“-нагласи Османи

На средбата се разговараше и за многубројните предизвици по руската воена агресија на Украина, како и за актуелните прашања и состојби во регионот на Западен Балкан. Во тој контекст беше реафирмирана поддршката за европската интеграција на Република Северна Македонија, како значаен сегмент од севкупната европска и евроатлантска ориентација на целиот регион.

Османи информираше за активностите во рамки на нашето претседавање со ОБСЕ, како и за улогата и механизмите на Организацијата во насока на справување со предизвиците и зачувување на безбедноста, при што беше изразена поддршка од страна на Канада за политичкото водство и активностите во рамките на претседавањето на земјава со Организацијата.