НАТО-Самит

Самит на НАТО во Вилнус, македонската делегација ја предводи Ковачевски

11.07.2023 10:17

Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија почна со проширување со Шведска која ќе стане 32-ра земја членка на алијансата. Сојузниците ќе ја потврдат поддршката за Украина и ќе и доделат акционен план за членство, објави генералниот секретар на НАТО Столтенберг на почетокот на Самитот. Во Вилнус, македонската делегација ја предводи премиерот Ковачевски, во неа се и министрите за одбрана и за надворешни работи Петровска и Османи...

На првиот ден од Самитот на НАТО во Вилнус, Шведска доби зелено светло од Турција да стане 32. земја членка на алијансата. Сојузниците ја поздравија одлуката на Анкара, оценувајќи дека овој чекор ќе придонесе за поголема безбедност во време кога беснее војна на европско тло.

„Овој самит е историски пред да почне, оти сега Шведска ќе стане полноправна членка на алијансата. Тоа е добро за шведска, за Турција и за НАТО и исто така за целиот балтички регион. Турција имаше легитимна загриженост за тероризмот. Шведска и Финска ја засилија борбата со тероризмот. Шведска го смени Уставот, ги зајакна законите против тероризмот и воведе механизам за размена на разузнавачки информации со Турција. Исто така, пред неколку дена имаше пресуда во шведскиот суд против член на курдската работничка партија за финансирање тероризам. Ова се преземените дејства договорени на самитот во Мадрид што овозможија да објавиме дека Шведска е новата членка на НАТО“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.

Според договорот, САД ќе и испорача авиони ф-16 на Турција. За полноправното членство на Шведска останува турскиот Парламент да го ратификува пристапниот протокол. На самитот во Вилнус ќе бидат адресирани актуелните безбедносни предизвици, зајакнувањето на поддршката и врските со Украина преку формирање совет НАТО-Украина.

„Сојузниците ќе потврдат дека Украина ќе стане членка на НАТО. Советот НАТО-Украина ќе биде ново тело каде Украина и сојузниците се еднакви и место каде што ќе се носат одлуки. НАТО ќе презентира акционен план за членство на Украина“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.

Лидерите ќе разгледаат можности за зајакнување на безбедносните капацитети, споделување на обврските и нови одбранбени регионални планови на самитот во Вилнус. Македонската делегација ја предводи премиерот Ковачевски, а во неа се министрите за одбрана и за надворешни работи, Петровска и Османи.

 

Ирина Гелевска