Ковачевски: Ги јакнеме инвестициите во колективната одбрана за засилена безбедност на државава
Самит на НАТО во Вилнус. Пред лидерите на земјите членки безбедносните предизвици, приемот на Шведска и аспирациите на Украина во Алијансата. Нов пакет воена помош за Киев да се соочи со рускиот отпор-најави Столтенберг. Од Литванија премиерот Ковачевски порача, ги јакнеме инвестициите во колективната одбрана за засилена безбедност на државава...

Овој исклучително важен состанок доаѓа во момент кога се води војна во Украина. Ќе бидат донесени важни одлуки за одбраната на членките на НАТО, за заштита од кибер и хибридни напади и за унапредување на соработката со Киев преку советот НАТО-Украина, изјави премиерот Ковачевски, којшто ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија.
„Ќе биде донесена одлука во однос на финансирањето, тоа значи дека 2 проценти од БДП ќе биде практично минимумот за финансирање на одбраната, со тоа што најмалку 20 проценти ќе бидат за модернизација. Северна Македонија е земја којашто на модернизација веќе инвестира 30 проценти од буџетот за одбрана, што секако е потребно во овој контекст. Дополнително во идната соработка со Украина, Северна Македонија има многу јасна позиција, ние како 30-та земја членка секогаш поддржуваме отворена врата за пристапување во НАТО, меѓутоа секако кога ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент. И тоа што е многу важно, НАТО покажа дека е единствено како никогаш досега и донесена е голема одлука Шведска да биде 32. Членка на НАТО“, изјави Димитар Ковачевски-претседател на Владата.
Ново проширување на НАТО со Шведска како 32. Земја членка. Сојузниците на Самитот во Вилнус потврдија дека останува политиката на отворена врата. Украина ќе добие побрз пристапен пат за членство без акционен план и еднаков статус со сојузниците при носење одлуки во Советот.
„На Самитот ќе донесеме важни одлуки за испраќање јасна порака до Украина дека стоиме зад неа сè додека е потребно. Сојузниците повторно ќе ја потврдат поддршката со испраќање воено оружје за Украина да ослободи повеќе од својата територија. Околу приемот во НАТО, сојузниците ќе испратат јасна и позитивна порака за патот на Украина кон членство преку отстранување на акциониот план што ќе го направи пристапниот процес од двочекорен во едночекорен.“, изјава Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.
Важни одлуки за натамошно зајакнување на одвраќањето со нов одбранбен план и зголемен број сили во висока подготвеност и минимален воен буџет од 2 проценти од БДП, се на маса за сојузниците на самитот во Вилнус. Нато ги покани и партнерите од Индо-Пацификот како демонстрација дека безбедноста не е регионална туку глобална.
Ирина Гелевска
