Пожар

Изгоре дел од архивата на кумановскиот суд

11.07.2023 12:37

Пожар ја зафати архивата која се наоѓа во подрумскиот дел на кумановскиот суд. Пожарникарите од ноќеска се справуваа со огнот. Пожарот е локализиран, но сè уште може да се забележи чад. Од судот велат експерти ќе ја утврдуваат причината, но ја одбиваат можноста дека намерно е предизвикан...

Изгоре дел од архивата на кумановскиот Основен суд, во пожарот кој од ноќеска ја зафати зградата. Екипи од противпожарната единица од Куманово по неколку часа го локализираа пожарот, но сè уште може да се забележи чад. Зафатена е една просторија во подрумскиот дел, архивата во која се наоѓаат предмети уште од 50-тите години.

Претседателката на судот, Снежана Манев вели не може да каже колкаво е оштетувањето. Тоа ќе се увиди откако екипите ќе влезат внатре. Таа ја отфрла можноста дека пожарот е намерно предизвикан. Оружјето, дополни, е на време предадено, останата е рече помала количина на куршуми, но тие се во другиот дел од објектот. Нема опасност од други запаливи предмети.

Пожарот во кумановскиот суд започнал нешто пред два часот ноќеска. На терен веднаш излегле седум пожарникари со две возила.

„Над архивите има инсталација од цевки наменета за парно и вода, но тие се обложени со заштитна гума и таа гума дополнително прави проблем која е зафатена од пожарот. Многу голем проблем е и непристапниот терен каде не можеме да се спуштиме долу“, истакна командирот на смена Борис Станковски од кумановската ТППЕ.

Во зградата на кумановскиот суд се наоѓаат и простории на јавното обвинителство и правобранителство. Објектот е изграден во 60-тите години, а во 2000-та беше реконструиран. Одредени интервенции имаше и во 2018-та година.

Министерот за внатрешени работи, Оливер Спасовски информираше дека експерти за криминалистички вештачења од Скопје ќе ги утврдуваат причините за пожарот во судот во Куманово.

Елена Георгиевска