Дебати без предрасуди во Собранието
Отворени дебати без предрасуди во Собранието, усвојувањето на уставните измени води до почеток на пристапните преговори-порачаа европските дипломати. Во Собранието Шпанија ги претстави приоритетите за време на претседателствувањето до декември. Поддршка на проширувањето. Пораката разбрана-порачаа од власта. Подобра економија, а не празни флоскули-став на опозицијата...

Продолжува дипломатската активност во насока на премислување на опозицијата за уставните измени. Шефот на европската дипломатија Дејвид Гир посочи дека усвојувањето на измените, без понатамошно одлагање, ќе води до одржување на втората Меѓувладина конференција и почеток на пристапните преговори. За таа цел вели, потребни се отворени дебати и аргументирања во Собранието без предрасуди од минатото и стравови за иднината. Сепак Гир имаше остри забелешки за реформите во правосудството кои не ги дале очекуваните резултати.
Шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија чија земја од почетоков на месецот го презема претседателството на Европската Унија посочи дека Шпанија дава голема поддршка на проширувањето на Унијата и ги цени напорите на земјава во напредокот на евроинтегративниот пат.
Претседателот на Комисијата за европски прашања уверува дека пораката е разбрана. Уставните измени се дел од преговарачката рамка и обврска која оваа Влада ја прифатила, потребни се храбри одлуки и компромиси кои не секогаш биле популарни.
На оваа држава е потребна подобра економија, а не празни флоскули – рекоа пратеници од опозицијата.
Уставните измени треба да се усвојат до крајот на скрининг процесот.
Марина Стојанова-Тонева
