Традиција

Почнуваат подготовките за јубилејното 60-то издание „Галичка свадба“

11.07.2023 12:43

Оливер Андреевски и Елисавета Булоска се годинешните зет и невеста на јубилејното 60-то издание на манифестацијата „Галичка свадба“, која ќе се одржи од 14-ти до 16-ти јули. Покровител на манифестацијата „Галичка свадба“ е претседателот на државата Стево Пендаровски...

Љубовта на Елисавета и Оливер почнала во Галичник. Идната недела таму и ќе ја крунисаат. Обичаите им се познати, за нив чест е да се продолжи традицијата која ја создавале нивните предци.

„Веќе пет години се познаваме и цело време и зборувам за Галичник, така се случи оваа година да одлучиме да аплицираме на повикот којшто го имаше од месната заедница, со голема желба, љубов и почит кон нашите предци да учествуваме на свадбата заедно со нашите семејства, да се венчаме токму во Галичник со сите оние обичаи кои следуваат“, изјави Елисавета Булоска – невеста.

„Во Галичник започна нашата љубов со Оливер, многу ми е драго што таму и ќе ја овековечиме. Многу сме среќни и двајцата тука сме да се поддржиме“, изјави Оливер Андреевски – младоженец.

Охрабрува интересот на младите за продолжување на оваа вековна македонска традиција – велат организаторите. Најавија голем број посетители кои ќе дојдат да ги видат обичаите на Галичка свадба.

„Самата свадба е жива работа, таа е претстава под отворено небо, во неконтролирани услови и тоа го прави уште потешко нејзино одвивање, но успешно се соочува со сите овие предизвици и ги надминуваме секоја година“, изјави Ана Сариевска – режисер на галичка свадба.

„Галичката свадба во текот на своето битисување се соочува со секакви предизвици, прилики и неприлики, но успешно ги надминува и успева да опстои на македонската културна сцена еден животен век кој од идеа прераснува во бренд“, изјави Александар Костиќ – претседател на советот на месната заедница Галичник.

Финансиската поддршка ја обезбеди Министерството за култура . Оваа традиција институционално ќе биде заштитена.

„Овој начин ќе се заштитат од заборав уникатните обичаи кои го претставуваат битот на македонскиот народ и се потсетник на едно друго време, начин на живот, ниво на култура и свест што не смее да се заборави“, изјави Бисера Костадиновска – Стојчевска – министер за култура.

Се очекува викендов Галичник да го посетат илјадници гости од земјава и од странство кои ќе уживаат во шестдециниското сведоштво на автентичните свадбарски обичаи, збогатени со народни носии, изворни песни и ора.

Централниот настан е в недела со венчавка на младите во црквата „Св. Петар и Павле“.

 

 

 

Андријана Ѓурческа